За нас

МАШИНСКИ ФАКУЛТЕТ

Студиите по машинство започнаа есента 1959 година на Техничкиот факултет во Скопје, во рамките на кој беше формиран Електро-машински отсек. Поради  нараснатите општествени потреби од машински инжинери во Републиката, во 1965 година во рамките на Универзитетот ,,Св.Кирил и Методиј,, беше основан посебен Електро-машински факултет со два оддела: Електро и Машински.
Развојот на студиите по машинство ја наложи потребата за формирање посебен Машински факултет и од 1977 година тој постои до денес. Во овие пет декади, Машинскиот факултет развива свои карактеристики кои во најголем дел се поклопуваат со визиите на неговите основачи, а го рефлектираат стекнатото искуство при развојот.

Последната реформа на студиските програми на Машинскиот Факултет беше во 2004 год. која ги внесе новите трендови од областа на машинството. Денес, Машинскиот факултет во Скопје нуди образование кое одговара на последните трендови на Европската Област за Високо Образование, како ЕКТС и постулатите на Болоњската декларација. Студиските програми се согласно потребите за производство на кадар кој ќе одговори на барањата за развој на индустриските гранки во Република Македонија, кадар кој ќе одговара на потребите на светски познатите компании.

На Факултетот има шест Институти и еден Оддел и тоа: Институт за производно машинство со 5 лаборатории; Институт за машински конструкции, механизациони машини и возила со 3 лаборатории; Институт за термотехника и термоенергетика со 5 лаборатории; Институт за хидротехника, пневматика и автоматика со 2 лаборатории; Институт за заварување и заварени конструкции со 4 лаборатории; Институт за механика со една лабораторија и Оддел за математика и информатика. Институтите понатаму се поделени на добро опремени катедри и лабаратории или работни групи одговорни за академски и студиски развој во нивните полиња на научен интерес. Секој институт има свој раководител кој е одговорен за работата на институтот и за виското ниво на академски и професионален допринос на сите негови членови. Во состав на Факултетот, како посебни единици, работат и Сметачкиот центар и заедничките служби.

Во наставно-образовниот процес, Факултетот нуди две програми за додипломски студии, и тоа: четири годишни студии (Академски) со чие завршување студентите се здобиваат со звањето Дипломиран инженер по машинство и три годишни студии (Професионални) по која студентите се здобиваат со некое од звањата: Дипломиран инженер по производна информатика, Дипломиран инженер по индустриски дизајн, Дипломиран инженер по применето термичко инженерство, Дипломиран инженер по хидраулика и информатика, Дипломиран инженер по заварување и дизајн на конструкции. Воедно, звањата се и насоките по кои се изведува наставата кај овие студии, додека кај четири годишни (Академски) студии наставата се изведува во следните насоки: производно инженерство; транспорт, механизација и логистика; термичко инженерство; автоматика и флуидно инженерство; материјали, заварување и конструктивно инженерство; индустриско инженерство и менаџмент; моторни возила; енергетика и екологија и мехатроника.

Машинскиот Факултет нуди редовни студии од втор циклус на студии (последипломски студии) (во времетраење од 1 година) во девет студиски програми и вонредни студии (во времетраење од 2 години) во шест студиски програми по што студентите се здобиваат со звањето Магистер по машински науки. Факултетот нуди и докторски студии за стекнување со звањето Доктор на технички науки.

Денес дејноста на Факултетот ја остваруваат 126 работници, од кои 35 редовни и 16 вонредни професори, 10 доценти, еден виш предавач, 8 асистенти, 23 помлади асистенти, а другите се стручни соработници, лаборанти и административно-технички работници. Факултетот постојано посветува внимание на стручното и научното усовршување на својот кадар.

Во учебната 2008/2009 год. на Машинскиот Факултет се запишаа вкупно 456 студенти во прва година, а досега на овој Факултет дипломирале 5704 студенти; постдипломски студии завршиле 232 кандидати, а со докторат на науки се стекнале 101 кандидат.

Машинскиот факултет е организатор на Интердисциплинарните студии по инженерство на животната средина, во чија реализација учествуваат наставно-научни кадри од десетина факултети на Универзитетот.

Покрај наставно-образовната дејност, Машинскиот факултет е носител на научноистражувачката дејност од областа на машинската струка. Со својот кадровски потенцијал претставува центар за развој на науката, научната мисла и примената на науката во стопанството. Научноистражувачката дејност на Факултетот се остварува преку учество во реализацијата на научноистражувачки проекти и преку изработка на магистерски тези и докторски дисертации. Резултат на интензивната научноистражувачка дејност на Факултетот е и учеството на наставниците и соработниците со реферати на голем број мегународни конференции, симпозиуми и семинари во земјата и во странство, објавувањето научни и стручни трудови и статии во домашни и странски списанија, зборници и книги.

Во последниве години, на Факултетот се реализирани 47 научноистражувачки проекти меѓу кои се вбројуваат: Центар за Истражување, Развој и Континуирано Образование - ЦИРКО, проект за подобрување на конкурентност на мали и средни претпријатија од машинската индустрија во соработка со УСАИД,  Тренинг центар на Џонсон Контролс, УНИДО - проект имплементиран од страна на Обединети Нации - Македонски национален центар за почисто производство, Македонски центар за енергетска ефикасност - МАЦЕФ, Центар за климатски промени, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Центар за развој на нови бизниси (УКИМ-БСЦ), како и ТЕМПУС проекти за: Развој на постдипломски студии за индустриски дизајн и маркетинг, Креирање на лабораторија за веб базирани техники за е-учење, Нумерички симулации во машинското инженерство, Креирање на истражувачки капацитети и инструменти за подобрување на соработката високо образование и Компетенции кои се совпаѓаат во високото образование и економијата: Од каталог на компетенции до развој на стратегија и курикулум.

Од своето формирање па до денес, Машинскиот факултет има остварено интензивна мегународна соработка, којашто се одвива преку учество во заеднички научноистражувачки проекти, на конгреси, симпозиуми, семинари и конференции, кои се организирани од мегународни институции или од самиот Факултет. Институции со кои Факултетот поинтензивно соработува се: Техничкиот универзитет во Берлин, Универзитетот во Брадфорд, Државниот  универзитет во Аризона, Вроцлавската политехника, Институтот во Ст.Петерсбург, ИПА-Штутгард, Техничкиот универзитет во Софија, Универзитетот во Љубљана, Универзитетот во Загреб, Универзитетот во Белград, Институтот за нуклеарни науки Винча (Институт за термотехника и енергетика) и Техничкиот универзитет во Дармштат (Институт за челични конструкции).

Една од основните дејности што Факултетот ја негува од своето формирање е неговата апликативна дејност, која има изразито применувачки и краткотраен карактер. Таа опфаќа голем број проблеми од машинската техника, а како партнери вон неа учествуваат голем број организации од материјалното производство.
Во склоп на Институтот за Машински конструкции, механизациони машини и возила при Машинскиот факултет функционираат една лабораторија и  едно инспекциско тело акредитирани од Институтот за акредитација на Република Македонија. Лабораторијата за возила (сила и момент) која претставува прва акредитирана калибрациона лабораторија во Република Македонија акредитирана е на 26.07.2005 година според ИСО17025 со број ЛК-001 и го опфаќа доменот на сила до 200 kN и момент до 1000 Nm. Инспекциското тело за моторни возила е акредитирано на 08.04.2008 година според ИСО17020 со број ИТ-009. Ова инспекциско тело е прво акредитирано тело од ваков тип во Република Македонија и има опсег на акредитација за оценка на сообразност на единечно прегледано возило од категориите L, M, N, O.

Во текот на својот развој, Машинскиот факултет посебно внимание има посветено на издавачката дејност во чии рамки се вбројува издавање на Информатор за идни студенти на Машински Факултет - Скопје кое излегува од 1998 до денес, континуирано два пати годишно издавање на научно списание Машинско инженерство кое се издава веќе 27 години и се печати на македонски и англиски јазик, како и издавање на повеќе книги, научни монографии и учебни помагала.
Во 1984 година на Машинскиот Факултет - Скопје му е доделена наградата „11 Октомври“.

  • Едуцирање на високостручен кадар од областа на машинството во сите степени на образование, конкурентен и оспособен за самостојна работа со широка основа за понатамошна континуирана надградба со професијата.

 

  • Исто така, нашата мисија го опфаќа и развивањето и спроведувањето на ефикасни облици за доживотно образование, континуирано следење на развојот на науката во светот, работа врз нови научни достигнувања и нивна имплементација во образовниот процес како и негување на развојни истражувања и нивна примена во стопанството и индустријата со цел потпомагање на технолошкиот развој во целина.
  • Етички Кодекс

Нашата визија е постојано да бидеме во чекор со времето во сите сегменти и области кај што делуваме!

Мисија, визија и политика за квалитет

 

Мисијата на Машинскиот факултет во Скопје, препознавајќи ги потребите на нашето општество, се состои од:

  • Следење чекор со најновите достигнувања во науката и технолошкиот развој, како и нивен трансфер во насока на подобрување на конкурентноста на македонското општество, прекуобезбедување на
  • Квалитетен инженерски кадар кој успешно ќе се соочи со предизвиците на новото време и технологии
  • Плодна соработка со македонските претпријатија на трансфер на знаења и соработка на научноистражувачки и апликативни проекти

 

Визијата на Машинскиот факултет во Скопје е да биде лидер во областите на своето делување во земјата и во регионот.

 

Основна определба е задоволството на клиентите, преку што се гледа и севкупниот напредок на институцијата. Таа определба не е само формална туку е поткрепена со соодветно развиени процедури во системот за менаџмент на квалитетот.

За реализирање на своите мисија и визија, Машинскиот факултет во Скопје ја донесува следната

 

Политика за квалитет

Политиката за квалитет ја креира, спроведува и одржува врвното раководство на Машинскиот факултет во Скопје, во интензивна комуникација со сите компетентни лица и истата е прифатена и обврзувачка за сите вработени. Таа ги респектира барањата на стандардот ISO 9001:2008, да биде во согласност со целите и контекстот на организацијата и да ги поддржува нејзините стратешки определби. Политиката за квалитет јасно ги покажува заложбите на организацијата за остварување на задоволството на клиентите, преку постојано подобрување на системот за менаџмент на квалитетот.

Респектирајќи го претходното, дефинирани се следните цели на политиката за квалитет:

  • Зголемувaње на бројот на објавени научни статии

Конкретна цел:  годишно зголемување на бројот на објавени научни статии за 10%

  • Зголемување на задоволството на тековните студенти

Конкретна цел: годишно зголемување на задоволството на студентите за 2%.

  • Постојано унапредување на присуството во нашето стопанство преку апликативно-развојни проекти

Конкретна цел:  годишно зголемување на бројот на проекти за 5%

 

Скопје, 12.11.2015                                                                           Декан

                                                                                         Проф. д-р Атанас Кочов

Наши проекти

Контактирајте не

Универзитет „Св. Кирил и Методиј“

Машински факултет - Скопје
Руѓер Бошковиќ бр.18
1000 Скопје, Република Северна Македонија
Тел: + 389 2 3099-200
Факс: + 389 2 3099-298
Е-пошта: contact@mf.edu.mk

Follow us

Follow us on:

Брзи линкови

Галерија

Galerija       

       

Back to Top