Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е дел од европскиот конзорциум на проектот TECHSIGHT, кој е добитник на финансирање од Horizon Europe EIT Higher Education Initiative, во рамките на повикот за проекти 2024. Машинскиот факултет, како координатор, и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, како партнер, се директни учесници во реализација на активностите на проектот TECHSIGHT.
TECHSIGHT претставува иницијатива за иновации и стратешко предвидување на идни трендови, насочена кон позиционирање на европските високообразовни институции како предводници во одржливиот и инклузивен развој на deep tech технологии. Земајќи ја во предвид клучната улога на универзитетите како врска во триаголникот на знаење – универзитет, индустрија и јавен сектор – проектот TECHSIGHT има за цел да го зајакне европското лидерство во областа на deep tech технологиите.
TECHSIGHT ќе ги унапреди активностите на високообразовните институции за градење капацитети во областа на иновациите и претприемништвото преку вклучување на методологии за размислување ориентирано кон иднината. Овој пристап ќе користи скенирање на хоризонтот и стратешко предвидување за навремено препознавање на идните трендови, овозможувајќи им на универзитетите ефикасно да одговорат на потребите на индустријата и да станат идни глобални лидери. Визионерската стратегија ќе ги подготви универзитетите проактивно да ги адресираат идните технолошки промени, додека истовремено создаваат поврзан и одржлив deep tech екосистем што ќе придонесе за раст и влијание низ цела Европа.
Конзорциумот на TECHSIGHT го сочинуваат универзитети, мали и средни претпријатија, јавни институции и бизнис здруженија од Турција, Данска, Северна Македонија, Србија, Германија, Латвија и Португалија.
Горди сме што УКИМ е дел од оваа иницијатива и веруваме дека преку TECHSIGHT ќе создадеме модел што може да се примени во Европа за развој на deep tech екосистемот, поставувајќи ги високообразовните институции како носители на глобалното deep tech лидерство!
Повеќе информации за проектот TECHSIGHT можете да најдете на официјалната веб-страница на EIT Higher Education Initiative: eit-hei.eu/projects/techsight
Доколку сакате да ја следите иницијативата во текот на нејзиното спроведување, посетете го официјалниот LinkedIn профил на проектот: linkedin.com/company/techsight-project