ПРОИЗВОДНО ИНЖЕНЕРСТВО

Цел на насоката

Како студент на насоката Производно инженерство ќе изучувате комбинација од инженерски принципи и технологии кои стојат зад производството на производи, машини и системи.

Ќе се запознаете со клучните производни процеси (машинска обработка со режење, обработка со обликување, адитивно производство и сл.), компјутерски управувани (CNC) машини, производствени системи, компјутерски потпомогнат дизајн и производство (CAD/CAM), автоматизација и роботика, мерење и контрола на квалитет, примена на машинско учење и вештачка интелигенција во производство, и одржливо производство.

Преку студиите ќе комбинирате теоретско знаење со практични вештини преку работа на реални проекти, користење напредни софтвери и работа со современа производствена опрема во лабораториите на насоката.

Некои од главните компетенции со кои се стекнуваат студентите на насоката

  • Познавање на производни технологии, алати и машини за обработка на метали, полимери и композити во индустријата.
  • Познавање и разбирање на процесите на обработка со симнување на материјал и обработка со пластична деформација
  • Оспособеност за идентификација на потребите за развој на нови производи и имплементација на процес за развој на нови производи.
  • Познавање на концептот на животен циклус на производите и методите за негово продолжување.
  • Способност за употреба на современи софтверски пакети за симулација и проектирање на различни производни процеси за обработка на метали и полимери.
  • Проектирање и конструкција на алати за обработка на материјали со пластична деформација, со помош на софтверски алатки за компјутерски потпомогнато инженерство (CAE) и дизајн (CAD).
  • Изготвување технолошка документација за изработка на производи, оспособеност за проектирање на технолошки процеси преку анализа на конструктивна документација, дефинирање на технологии, избор на алати и обработувачки режими.
  • Запознавање со методологија на современ и брз развој на производи преку технологии за брзо прототипирање, адитивно производство, 3Д печатење и 3Д скенирање
  • Нумеричко управување на CNC машини со помош на CAD/CAM софтверски алатки.
  • Познавања од индустриска роботика и автоматизација во производството
  • Способност за спроведување на димензионални мерења и обработка на резултати од мерења во производните процеси.
  • Запознавање со компјутерски управувани мерни системи (мерни машини за мерење на отстапување од облик и рапавост) и принципи на нивна работа
  • Способност за примена на принципи за менаџмент со квалитет, методи за проектирање на квалитет и алатки за обезбедување и контола на квалитет во производство.
  • Способност за примена на алгоритми на вештачка интелигенција и машинско учење за следење и подобрување на производствените процеси.
  • Способност за проектирање и мониторирање на безбедни технолошки системи со соодветен избор на методологија за проценка на ризик.
  • Знаење за одржлив развој и одржливо производство – правилно користење на влезни ресурси за стабилен и одржлив процес на производство.

Примери на дипломски работи од насоката Производно инженерство

Радомир Јовичиќ

Дизајн на CNC глодалка и анализа со метод на конечни елементи

Кире Трајков

Моделирање и анимација на биомеханички системи

Виктор Крстески

Глобални трендови на дигитализација во работата и нејзиното влијание на безбедноста и здравјето на работниците

Виктор Игнов

Рапавоста како параметар за обработливост при стружење на композитни материјали зајакнати со јаглеродни влакна

Јелена Антиќ

Проектирање на технолошки процес за изработка на призматичен дел со препораки за оптимизација

Тодор Крстев

Планирање и менаџмент на квалитет во авионска кабина кај комерцијални патнички летови

Сара Петреска

Процес на производство на амбалажа за течна храна

Стефанија Ацевска

Испитување на точноста на линеарна стаза со помош на ласерски интерферометар

Христијан Чакалиќ

Дизајн на CNC глодалка и анализа со метод на конечни елементи

 

Да, дипломираните производни инженери се многу барани на пазарот на трудот поради практичните и разновидни вештини што ги поседуваат. Веднаш по дипломирањето можете да најдете вработување во различни индустрии како што се автомобилската и енергетската индустрија, индустријата за производството на потрошувачки производи, електроника и медицинските уреди како и во тешката индустрија.

Типични работни позиции вклучуваат производен инженер, менаџер на производство, инженер за контрола на квалитет, проектант-технолог, и конструктор на машини, алати и производи. Може да работите во производствени погони, истражувачки и развојни центри, инженерски консултантски фирми или технолошки компании, како на локално, така и на меѓународно ниво.

Кариерата во Производно инженерство нуди широки и разновидни можности. Почетните работни позиции често водат кон раководни и управувачки улоги како менаџер на фабрика, директор за операции, директор за квалитет или технички консултант. Со искуство и континуирано усовршување, можете да напредувате до високи извршни позиции. Со продолжување на образованието, преку магистерски или докторски студии, можете да се специјализирате во истражување и развој, академски кариери или да основате сопствена консултантска или технолошка компанија. Производните инженери се на првата линија на технолошките трендови што ви дава шанса да влијаете на иднината на глобалната индустрија.

Александар Павлов / Ракводител на тим за контрола на квалитет, Bugatti Rimac (Загреб)

Студиите на МФС, на насоката Производно Инженерство, за мене се покажаа како одлична подготовка за понатамошен развој во кариерата. Содржината која се изучува, и проектите на кои што се работи во текот на студиите, наоѓаат широка примена во индустријата. Факултетот ги има сите потребни ресурси за работа на практични проекти и решенија, а наставниот кадар, со своето огромно знаење и искуство, се тука да ги поддржат таквите активности.

Веднаш после дипломирањето започнав со работа во автомобилската индустрија, во оддел за контрола на квалитет, а подоцна и системи за квалитет. Во последните 5 години сум дел од тимот на Bugatti Rimac, каде што сум вклучен во целиот процес на производство на автомобилите – од производство на делови, составување на автомобилот, и финално тестирање и валидација пред испорака.  За “car guy“ како мене, тоа е работа од соништата. И се започна со одлуката да студирам на МФС, одлука што ми овозможи денес да го работам тоа што го сакам.

Лилјана Аврамовска / Специјалист за континуирано подобрување, Marquardt Macedonia

“Знаењето и вештините стекнати за време на моето студирање на програмата за производно инженерство ми овозможија лесно вклучување во индустриската средина. Примената на инженерските методологии и континуираното подобрување се клучни фактори во мојата работа, а стекнатото образование ми помогна да бидам дел од тим кој секојдневно воведува иновации и оптимизации во производството.”

Како студент на Производно инженерство, ќе имате можност да учествувате во многубројни активности кои ќе го збогатат вашето образование и професионален развој. Меѓу нив се:

    • Интернационална олимпијада за проектирање на технологии со обликување и пластична деформација – Од 2017та година, студентите на насоката производно инженерство учествуваат на овој интернационален натпревар под менторство на асс. д-р Огнен Тутески. Од тогаш имаме освоено еден бронзен медал (2018), три сребрени медали (2017, 2020, 2022), и еден златен медал (2019) во конкуренција од студенти од 50 универзитети од над 14 држави ширум светот. (https://www.qform3d.com/education)

    • ИАЕСТЕ– Меѓународнa независна, невладина студентска организација за размена на студенти од техничките факултети (https://iaeste.org.mk/)
    • Активности во FABLAB Skopje – високо-технолошка работилница отворена за сите, каде студентите можат да истражуваат, учат, истовремено реализирајќи сопствени или професионални проекти. FabLab Skopje претставува центар за образование, трансфер на знаење, иновации и стартапи, каде производното инженерство оживува преку практична работа и прототипирање. (https://fablab.mf.ukim.edu.mk/)
    • EBEC-Европски БЕСТ Инженерски натпревар (анг. European BEST Engineering Competition), натпревар наменет за поттикнување на креативното размислување за решавање на комплесни проблеми (https://ebec.best.org.mk/)
    • ProjectHUB– поврзување на теоретското и практичното знаење, зголемување на ангажманот на студентите, примена на акумулираното знаење (https://www.mf.ukim.edu.mk/mk/projecthub)
    • CEEPUSпрограма – Централноевропска програма за размена за универзитетски студии (анг. Central European Exchange Program for University Studies (CEEPUS)) е програма за академска размена на студенти и професори од Централна и Источна Европа (https://www.ceepus.info/)
    • ЕРАЗМУС+програма- програма за мобилност на студентите и наставните кадри (за студиски престој, ослободување од студиски трошоци, како и признавање на студентските кредити на институцијата-домаќин по враќањето на домашниот универзитет) (https://na.org.mk/Home/ErasmusPlus)
    • Zoran Djindjic Internship Programme of German Business– Програма која нуди можност за практикантска работа со стекнување на знаења и соочување со вистински предизвици во германски компании. (https://www.djindjic-stipendienprogramm.de/)

Производното инженерство е срцето на современиот технолошки напредок. Секој производ што го користите — од паметни телефони и автомобили до медицински импланти и авиони — зависи од напредните производствени технологии. Денешните производни инженери се пионери во области како што се автоматизација, дигитално производство (Индустрија 4.0), адитивно производство (3Д печатење) и одржливо производство. Глобалната производна индустрија доживува брза трансформација, создавајќи невидена побарувачка за креативни и високо квалификувани инженери кои ќе ги проектираат фабриките на иднината. Со изборот на оваа насока, не само што градите сигурна и успешна кариера, туку и добивате можност да оставите траен белег во начинот на кој светот создава и користи производи.