Индустриски ДИЗАЈН

Насоката индустриски дизајн постои од 2004 година како тригодишни професионални додипломски студии, а од 2017 година беше трансформирана во четиригодишни студии. Во 2008 година стартуваа и двегодишните магистерски студии по индустриски дизајн и маркетинг, а во 2018 едногодишни магистерски студии по индустриски дизајн.

Цел на насоката

Индустриските дизајнери се фокусираат на дизајнирање и развивање на разновидни индустриски производи кои се одликуваат со естетика, функционалност и употребливост.

Некои од главните компетенции со кои се стекнуваат студентите на насоката

  • разбирање на просторот, презентирање на тела во простор, слободорачно цртање на тела во простор и нивно детализирање;
  • изработка на прототипови преку моделирање на реални објекти во природна големина;
  • 3Д моделирање на сложени тела и површини во просторот и нивна фотореалистична визуелизација со современи софтверски алатки;
  • креирање на 3Д анимација на објекти (производи) ;
  • примена на основните елементи и принципи во дизајн на 2Д и 3Д композиции;
  • практично решавање на дизајнерски задачи од областа на графичкиот дизајн;
  • моделирање на производи со сложени површини и конструктивно оформување на производите од пластика;
  • примена на основните принципи и методи на ергономијата и антропометријата во дизајнот на производи;
  • спроведување на процесот на дизајнирање и решавање на конкретни дизајнерски задачи;              
  • примена на интегрираниот процес за развој на производите, од препознавање на шансата за нов производ до имплемантирање на развојниот проект;
  • практично работење на конкретни дизајн проблеми од областа на еко дизајнот;
  • моделирање, градба, програмирање и симулација на математички и виртуелни механички модели на реални технички системи;
  • способности за водење на проекти.

Примери на дипломски работи од насоката индустрски дизајн

Емилија Тодоровска

ДИЗАЈН НА ОПАКОВКA ОД БИОРАЗГРАДЛИВ МАТЕРИЈАЛ

Ана Јовчевска

ДИЗАЈН НА СПОЈКА ЗА МЕБЕЛ СО МЕТОДОТ НА ТОПОЛОШКА ОПТИМИЗАЦИЈА

Лео Кралевски

ДИЗАЈН НА ПЕРСОНАЛИЗИРАНО ОРТОПЕДСКО ПОМАГАЛО ЗА РАКА, 3Д ПЕЧАТЕЊЕ И ТЕСТИРАЊЕ СО ВИРТУЕЛНА СИМУЛАЦИЈА И ЕКСПЕРИМЕНТАЛНА ВЕРИФИКАЦИЈА

Бојан Цветковски

ЕСТЕТСКО И ФУНКЦИОНАЛНО ОБЛИКУВАЊЕ НА ЕНТЕРИЕР НА КАБИНА НА РАБОТНА МАШИНА ЗА ЧИСТЕЊЕ УЛИЦИ

Кристина Рачиќевиќ

РАЗВОЈ НА КОНЦЕПТУАЛНО РЕШЕНИЕ НА НАДВОРЕШЕН ДИЗАЈН НА КОМПАКТЕН СПОРТСКИ КУПЕ АВТОМОБИЛ

Бојан Икономов

БРЕНДИРАЊЕ НА КОМПАНИЈА ЗА ДИЗАЈН И ПРОДАЖБА НА МЕБЕЛ

Мице Карајов

3Д МОДЕЛИРАЊЕ И АНИМАЦИЈА НА ФУТУРИСТИЧКИ ВОЗИЛA

Никола Узунски / CQ Engineer во Johnson Matthey Macedonia

За насоката Индустриски дизајн се одлучив пред се поради специфичната структура на програмата која претставува комбинација од инженерски и дизајнерски предмети кои создаваат и овозможуваат техничка основа за работа во индустријата, а истовремено ја поттикнуваат креативноста и иновативноста на студентите во фазите на дизајн и развој на производи и услуги.

Би сакал да ја истакнам и професионалноста и посветеноста на професорите да го пренесат нивното теоретско знаење, како и нивната ангажираност за вклучување на студентите во реални проекти од индустријата. За време на последните семестри од моето студирање, имав можност да учествувам во проект за редизајн на возило во кој го применив наученото од студиите дотогаш, а истовремено се стекнав и со нови знаења и вештини кои ми помогнаа да продолжам со усовршување и работа во автомобилската индустрија за дел од најпознатите брендови на возила

Татјана Зафировска / Junior UX/UI Engineer во Nebb

За техничките науки покажував интерес уште во средношколските денови, па изборот за додипломски студии беше неминовен. Индустриски дизајн е смер преку кој студентот се стекнува со знаење од различни области кои го засегнуваат и инженерскиот и дизајнерскиот аспект.

Структурата на целокупната програма за студиите е формулирана на таков начин што студентот има можност да се пронајде во различни обласи од дизајнот, почнувајќи од производство па се до креирање на интерфејс на веб и мобилни апликации.

По завршување на студиите мојата кариера продолжи да се развива во областа на креирање виртуелни дизајнерски решенија преку кои секојдневно ја прикажувам мојата креативност, иновативност и аналитичност.

Филип Димитриев / Индустриски дизајнер во БРАКО ДОО

Дипломирав на насоката индустриски дизајн, а магистрирав на насоката индустриски дизајн и маркетинг на Машинскиот факултет во Скопје. Во текот на магистерските студии бев поканет да учествувам на реален проект помеѓу Машинскиот факултет и компанијата БРАКО / GREEN MACHINES од Велес. Директно учествував во дизајн процесот за изработка на кабина за постоечките возила GM500 и GM636 за чистење на урбани средини кои компанијата ги произведува, како и во развојот на новиот модел GM700.

Во текот на учеството во проектот добив можност и за вработување во истата компанија. Денес работам како индустриски дизајнер во компанијата каде продолжив со работа на понатамошниот развој на овие производи,  директно сум инволвиран во дизајнот и производството на возилата. Работата на реални проекти во текот на студиите нуди големи можности за стекнување практични искуства кои можат да го обликуваат понатамошниот правец на развојот на еден индустриски дизајнер.

Милош Соколиќ / Дизајнер на системи од услуги и производи, СмартАп Лабораторија за социјални иновации, Скопје

Студиите по индустриски дизајн ми дадоа одлична подлога за истражување на сите можности што еден дизајнер ги има во кариерата. Во последниот семестар имав можност да работам на проект кој ме насочи кон она што го работам денес – дизајн за општествена корист.

Студиите ги продолжив на Politecnico di Milano, каде се надоградив во дизајнирање на системи од услуги и производи, со фокус на партиципативен дизајн и кокреација. Денес работам во СмартАп Лабораторија за социјални иновации во Скопје, каде преку дизајнерски методологии работам на развој и поддршка на општествени иновации од областите на климатски промени, образование и иновации во јавен сектор.

Софија Симоновска / UX / UI дизајнер во компанијата ЕНДАВА

Дипломирав на насоката индустриски дизјан на Машинскиот факултет во Скопје во 2017 година. Моментално работам како UX / UI дизајнер во компанијата ЕНДАВА, интернационална компанија со повеќе од 10 000 вработени низ целиот свет.

Индустрискиот дизајн како студиска програма ни отвора многу врати и можности за понатамошна професионална кариера. Јас сум пример за некој што пробал различни насоки користејќи ги тие можности и основата која ја стекнуваме на факултетот. За сите оние кои се креативци и го гледаат дизајнот како можност за креирање и подобрување на секојдневните нешта кои ги користиме во животот, дали е физички или дигитален производ, насоката Индустриски дизајн е правото место да се започне тоа патување.

Бобан Цветковски / Менаџер за продажба во компанијата ЕКА

По препорака на Машинскиот факултет, како студент на пракса за првпат се сретнав со компанијата МЗТ ЕКА (сегашна ЕКА) во 2005 година и уште еднаш во 2008. Во текот на тромесечната пракса, ми беше понудена работна позиција како индустриски дизајнер.

Компанијата ме вработи во 2009 година како одговорен за дизајн и конструирање, но и за маркетинг на опрема за испитување шински возила. Во текот на годините имав можност за напредок во истата компанија и за неколку години добив прилика за промена на работната позиција на која сум и денес – менаџер за продажба на нашите производи на светските пазари. Моја препорака за идните студенти е да ја искористат праксата како една од најзначајните можности за вработување во текот на образовниот процес.

Александар Јанковиќ / Ко-сопственик на компанијата МАД ЛАДС СТУДИО

Во 2015/2016 година се запишав, а во 2018 дипломирав на насоката индустриски дизајн на Машинскиот факултет во Скопје со просечен успех од 9.93. Истата година се запишав на магистерските студии на програмата Индустриски дизајн и маркетинг на Машинскиот факултет во Скопје, а магистрирав во ноември 2022 година.

Во текот на додипломските и постдипломските студии имав можност да учествувам во повеќе национални и интернационални проекти од кои стекнав огромно искуство:

– Design With Social Impact Kenya 2017, меѓународна работилница во рамки на проект меѓу Машинскиот факултет во Скопје, Универзитетот за уметности во Цирих и Факултетот за уметност и дизајн на Универзитетот во Најроби.

– ГЕТ-Велосипед: Проект за изработка на електричен велосипед со проактивни филтери што беше кофинансиран од страна на Фондот за иновации и технолошки развој Скопје.

– Работилница Project Hub Импакт 2019: Проект со фокус на изработката на модели и анимации за аугментирана реалност, при што изработив стилизиран човечки 3Д модел.

– Темата за магистерскиот труд ја изработив во рамките на меѓународен проект помеѓу Машинскиот факултет во Скопје и истражувачкиот центар Virtual Vehicle во Грац, Австрија.

За време на студиите активно работев како фриленс графички дизајнер и аниматор, при што соработував со домашни и странски компании:  Пивара, Агротехна, Центар за странски јазици Ѕвонче, Charge America и други.

Во 2020, заедно со мој колега од студиите, основавме сопствена компанија МАД ЛАДС СТУДИО каде работиме како 3Д дизајнери

НАУЧНА ДЕЈНОСТ

Паралелно со едукативната дејност, наставниот кадар вклучен во студиската програма индустриски дизајн развива научна дејност посветена на теми од областа на индустрискиот дизајн, ергономијата, биониката, компјутерската графика и анимација, еко дизајнот, развојот на нови производи итн. Научната дејност е евидентна преку постигнатите успеси:

  • Голем број научни трудови презентирани на престижни меѓународни научни конференции и објавени во престижни меѓународни научни часописи.
  • Учество во реализација на национални и интернационални научни проекти.
  • Изработени се и одбранети голем број магистерски и пет докторски трудови.

Соработка со стопанство

Електрична верзија на возилото GM400

Професори, асистенти и студенти од насоките индустриски дизајн и моторни возила од Институтот за МКММВ интензивно соработуваат на заеднички проекти помеѓу Машинскиот факултет и компанијата BRAKO GREEN MACHINES од Велес.

Развој на нов модел на возило за чистење улици GM700 кој се очекува да биде пуштен во сериско производство во 2023 година

Редизајн на кабините за возачите за возилата за чистење улици GM500 и GM 636