АВТОМАТИЗАЦИЈА И УПРАВУВАЧКИ СИСТЕМИ

Насоката Автоматизација на управувачки системи (АУС) на Машинскиот факултет – Скопје претставува современ и динамичен правец на студирање кој ги спојува машинството, електрониката, информатиката и вештачката интелигенција. Студентите на оваа насока се обучуваат да проектираат, моделираат и автоматизираат сложени технички и индустриски системи, со цел да ја зголемат ефикасноста, прецизноста и безбедноста на производните и технолошките процеси.

Студентите ќе се запознаат со:

    1. Теорија на управување (PID управување, прилагодливо и напредно управување)
    2. Сензори и актуатори
    3. Програмирање на програмибилни логички контролери  и индустриски автоматски системи
    4. SCADA/HMI системи за следење и управување со процеси
    5. Основи на роботика и управување со роботи
    6. Симулација со MATLAB/Simulink
    7. Реално-временски и вградени системи
    8. Комуникација во индустриски системи и IoT

Знаењето стекнато на насоката АУС, ќе им овозможи на студентите да добијат основа за учество во четвртата индустриска револуција – Индустрија 4.0, но и зголемување на свесноста за примена на Индустрија 5.0

На насоката Автоматизација на управувачки системи студентите ќе се стекнат со знаења и практични вештини кои се клучни за модерната индустрија и технолошкиот развој. Ќе научат како да анализираат, проектираат, симулираат и управуваат со системи кои управуваат со машини, процеси или производни линии.

Ќе се запознаат со основни и напредни техники за автоматско управување, вклучувајќи PID управување, прилагодливи и интелигентни управувачки алгоритми, и нивна примена во реални системи. Ќе научат да управуваат со сензори и актуатори на секој автоматизиран систем, како и да ги поврзуваш со микроконтролери, особено со програмибилни логички контролери кои се незаменливи при примена во индустријата.

Ќе научат да проектираат SCADA системи и HMI интерфејси, преку кои се следи и управува секој дел од процесот. Ќе научат да користат софтверски пакети како NI Lookout, MATLAB/Simulink за симулација на динамиката на системи.

Ќе стекнат и вештини поврзани со вградени системи, микропроцесори, реално-временски системи и IoT уреди, што се користат сè повеќе во современите smart системи – од индустрија до секојдневен живот. Покрај техничките вештини, ќе научат како да работат во тим, да планираат проекти и да ја користат технологијата за решавање на реални проблеми.

Со диплома од насоката Автоматизација на управувачки системи, студентите имаат одлични можности за вработување веднаш по дипломирањето, и тоа во различни сектори и типови на компании. Индустриите се почесто бараат инженери кои знаат како да автоматизираат процеси, да програмираат програмибилни логички контролери и да воведат паметни решенија за зголемување на ефикасноста и безбедноста.

Студентите може да се вработат во:

    • Индустриски фабрики и производствени капацитети – во сектори како металургија, прехрамбена индустрија, фармација, автомобилска индустрија, електроника, и енергетика
    • Компании за автоматизација, кои проектираат и имплементираат автоматизирани решенија за индустрии
    • ИТ-компании кои нудат решенија за индустриска автоматизација, IoT, вградени системи и паметни технологии
    • Проектантски бироа за проектирање и развој на автоматизирани процеси
    • Оддели за одржување и развој на производствени системи
    • Технолошки start-up, каде може да се работи на дизајн и развој  на иновации, дронови, роботи, автономни возила и слично
    • Институти за истражување и развој
    • Академски институции

Има можност за развој и започнување на мал, среден и голем сопствен бизнис

Нема ограничување на можностите за напредување во кариерата токму поради интердисциплинарноста која ја нуди и опфаќа насоката.

Студентите може да најдат соодветно работно место како

    • Инженер за автоматизација и проектирање на управувачки системи
    • Програмер на PLC
    • Инженер на развој (R&D)
    • Инженер за проектирање на SCADA/HMI системи
    • Процесен инженер во индустрија или енергетика

Со неколку години искуство и надградување на своите вештини, студентите може да се пронајдат како:

    • Тим лидер или проект менаџер
    • Технички директор
    • Консултант за автоматизација и технолошки трансформации
    • Менаџер за индустриски иновации
Горан Стојаноски (дипл. машински инженер) / докторанд при University of Leoben, проектен менаџер при Stenton Gradba

За време на моето академско образование, факултетот ми овозможи учество во натпревар за изработка на автономни роботи, кој беше организиран од Универзитетот во Леобен, Австрија. По завршувањето на додипломските студии, продолжив со магистерски и докторски студии на Универзитетот во Австрија. Стекнатите знаења во насоката АУС беа целосно усогласени со академските барања на универзитетот, каде неодамна успешно го одбранив мојот докторски труд.

Влатко Василески (дип. машиниски инженер) / Ко-сопственик на Торакс ДОО

Знаењето кое го стекнав со студирањето на катедрата за автоматика на МФС ми помага во совладувањето на предизвиците кои ги наметнува денешниот глобален пазар. Тоа беше клучно во развојот на мојата професионална кариера како инженер и подоцна како менаџер на една интернационална компанија и сега како ко-сопственик на една водечките македонски компании во областа на алуминиумските конструкции.

Студентите на ЕЕ често се активни во:

    • Студентски организации
    • Научни и технички проекти/хакатони
    • Посета на индустриски комплекси, теренска настава и екскурзии (во домашни и странски компании)
    • Работа во лаборатории (индустриска автоматизација, роботика, сензори и управување)
    • Учество во проекти за автоматизирани системи и роботика
    • Размена на студенти преку различни студентски програми
    • Учество на настани, конференции, или работилници

Насоката Автоматизација на управувачки системи е модерна и динамична насока на Машинскиот факултет – Скопје, која директно ги следи светските трендови во индустријата и технологијата.

    • Оваа насока ја комбинира машинската техника, електрониката, програмирањето и вештачката интелигенција – токму затоа е толку привлечна за студенти кои сакаат да работат со напредни технологии.
    • Студентите имаат директен пристап до реална опрема – како PLC контролери, сензори, HMI панели, Arduino, Raspberry Pi, SCARA роботи итн..
    • Оваа насока е совршена подлога за работа во Индустрија 4.0 и 5.0, кои се темелат на дигитализација, паметно производство, IoT, вештачка интелигенција и автоматизирани системи.