Интердисциплинарниот пристап на насоката Мехатроника – комбинацијата на механика, електроника и програмирање, ми овозможи без проблем да се вклучам во индустријата како електроинженер. Благодарение на ова, денес можам да соработувам ефективно со инженери од различни дисциплини, како машински инженери, програмери и технолози, што е клучно за успешна интеграција на CNC системи и автоматизирани процеси.
За време на студиите имав можност да стекнам практични вештини користејќи софтвери со индустриски стандарди и машини. Особено корисно беше програмирањето на PLC контролери Unitronics, како и програмирањето на индустриски роботи (KUKA). Ова искуство ми помогна многу во професионалниот развој, бидејќи откако еднаш ќе се совладаат основните принципи, многу полесно е да се премине на работа со други PLC системи како Siemens, Beckhoff и други индустриски роботи.
Исто така, за време на студиите работевме на практични проекти кои ни овозможија да ги примениме стекнатите знаења во реални сценарија. Еден од најзначајните проекти беше дизајнирањето на робот количка, каде што користевме нискобуџетни драјвери за DC мотори. Ова искуство ми даде одлична основа за подоцна да преминам на работа со софистицирани и комплексни серво драјвери, како оние што се користат во индустриски CNC машини.