По дипломирањето на Машински факултет, на насоката Енергетика и екологија, имав можност веднаш да се вработам во консултантска фирма и директно да бидам дел од Програмата за управување, користење и заштита на подземните води (GWP) која е финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC). Преку оваа позиција имам можност да применам инженерски пристап во управувањето со водите, да придонесам кон одржливо користење на водните ресурси и да работам на подобрување на системите за мониторинг и анализа на подземните води. Знаењата и вештините што ги стекнав од студиите ми овозможија полесно прилагодување кон работните задачи. Работата ми овозможува да бидам дел од важни иницијативи за заштита на животната средина и да придонесам кон решавање на еден од клучните еколошки предизвици во државата.
ЕНЕРГЕТИКА И ЕКОЛОГИЈА

Насоката Енергетика и екологија (ЕЕ) на Машинскиот факултет – Скопје нуди цврста основа во областите на термоенергетиката, хидроенергетиката и автоматиката, како и влијанието на производството на енергија врз животната средина, подготвувајќи ги студентите да проектираат одржливи енергетски системи, притоа обезбедувајќи заштита на животната средина.
На насоката ЕЕ на Машинскиот факултет – Скопје, студентите ќе се запознаат со:
-
- Основните принципи на механиката на флуидите и на термодинамиката
- Извори на енергија и процеси на енергетска конверзија
- Хидраулични и топлински турбомашини
- Цевководни системи (водоводи и гасоводи)
- Хидроенергетски објекти и хидромашинска опрема
- Термоенергетски постројки
- Пречистителни станици за отпадни води
- Мониторинг на квалитет на вода
- Мотори со внатрешно согорување
- Котелски постројки
- Системи за греење, ладење и климатизација
- Енергетска ефикасност на објекти и одржлив развој.
Оваа област е значајна за унапредување на енергетските системи од аспект на одржливост, обезбедување енергетска ефикасност и осигурувајќи минимално влијание врз околината преку примена на технологии за обновлива енергија, усовршување на техничките решенија за ефикасно производство на енергија и континуирано спроведување на енергетски контроли и еколошки проценки.
Цел на насоката
Инженерите кои ќе дипломираат на насоката ЕЕ ќе се стекнат со потребните знаења и вештини за проектирање, работа и одржување на енергетски системи и на системи за мониторинг на индикаторите на еколошкото влијание.
Некои од главните компетенции со кои се стекнуваат студентите на насоката ЕЕ
-
- Основни знаења на видовите енергии и соодветните технологии со кои тие може да се искористат.
- Примена на нумерички алатки за моделирање и симулации на струјните и термичките процеси (CFD)
- Разбирање на принципот на работа на енергетски постројки, машини и опрема.
- Примена на знаењето за методите на третман на отпадните води во комуналниот и индустрискиот сектор.
- Познавање на начините на добивање, транспорт и еколошко складирање на различните видови гасови и решавање на гасификациски системи.
- Примена на концептот и целите на одржливиот развој и влијанијата на енергетските постројки во придонесот кон него.
- Примена на основите на енергетскиот менаџмент.
- Запознавање со методите и инструментите за мерење и мониторинг преку практични примери и примени кај површинските води.
- Познавање на карактеристиките на системите за супервизорно управување и аквизиција на податоци (SCADA) и нивна практична примена.
- Изучување на енергетско-експлоатационите карактеристики на електроенергетските системи, анализа на потрошувачите и изворите на електрична енергија.
- Разбирање на влијанијата од производството на енергијата врз животната средина и стратегиите за нивно намалување.
- Знаење за пресметка на системите за греење и климатизација, системи за ладење, топлински пумпи
- Стекнување на знаење за енергетска ефикасност и рационално користење на енергија
- Знаења и оспособеност за спроведување енергетска и економска анализа за избор на оптимален извор на енергија и систем за енергетска конверзија.
Примери на дипломски работи од насоката Енергетика и екологија
Ивица Стојановски
Проектирање и споредбена анализа на прстенеста и разгранета дистрибутивна гасоводна мрежа за градска населба
Харитина Сакова
Нумеричко моделирање на аеропрофили за студентски тркачки автомобил
Ѓорѓи Стојанов
Избор на биоинспириран аеродинамичен профил и негови карактеристики
Дипломираните инженери на ЕЕ ќе поседуваат разбирање на спефицичностите на енергетските системи според потребите на индустријата. Здобивајќи се со теоретско знаење преку изучување на процесите на енергетска конверзија и проектирање на одржливи енергетски системи, како и практични вештини преку примена на софтверски алатки за моделирање и симулирање на струењето на флуидите и преносот на топлина, студентите ќе можат да ги применат стекнатите знаења и вештини во реални инженерски системи.
Со диплома од насоката ЕЕ, студентите би можеле да се вработат во:
-
- Енергетскиот сектор (хидроенергетика, термоенергетика, обновливи извори на енергија): хидроцентрали, термоцентрали, ветерни електроцентрали, компании за производство на пумпи/хидраулични турбини/топлински турбини/ветерни турбини и енергетска опрема, бироа за проектирање и развој на енергетска опрема, компании за производство и транспорт на електрична енергија.
- Производниот сектор: Одржлив дизајн на процеси и намалување на емисиите од индустријата.
- Водоводни претпријатија и инфраструктура: системи за водоснабдување, станици за пречистување на отпадни води, системи за наводнување.
- Фирми за инженерство на животна средина (проценки на влијанието врз животната средина), невладини организации и одделенија за управување со енергија и животна средина
- Владини агенции и јавни институции (Водостопанство на РСМ, Министерство за животна средина и просторно планирање на РСМ, Министерство за енергетика, Регулаторна комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад, Електрани на Северна Македонија)
- Институти за истражување и развој (универзитети, истражувачки центри, лаборатории, центри за иновации и технолошки развој).
Студентите може да најдат соодветно работно место како:
-
- инженери за проектирање, надзор, изведба и ревизија на енергетски системи
- проектанти на пумпи, хидраулични турбини, топлински турбини
- проектанти на системи за греење, ладење и климатизација
- инженери за експлоатација и одржување на енергетски системи
- проектанти на цевководни системи и пумпни станици
- експерти за моделирање и симулации на струење и пренос на топлина низ енергетски системи/машини
- истражувачи во институти за истражување, одржливост и технолошки развој
- консултанти во креирањето на политики во енергетскиот сектор
- инженери или консултант за животна средина.
Со повеќегодишно искуство и континуирано усовршување, студентите може да се пронајдат и на следниве позиции:
-
- Тим лидер
- Раководител на проект
- Технички директор
- Менаџер на оддел.


Моите додипломски студии по енергетика и екологија во Скопје ми обезбедија солидна основа за принципите на енергетските науки и еколошката свест. Ова знаење и страст за одржливост ме наведоа да се специјализирам за водородни технологии, поточно горивни ќелии на мојот докторат на Машинскиот факултет во Љубљана, лабораторија за термоенергетика. Почетокот на мојот академски пат во Скопје одигра клучна улога во обликувањето на мојата кариера и истражувачки интереси во оваа област.
Студентите на ЕЕ често се активни во:
-
- Project Hub 2018/19
- АВТОНОМНИ СТРУКТУРИ СО ИНТЕГРИРАНИ ПАМЕТНИ МАТЕРИЈАЛИ
- МОДУЛАРЕН БИОИНСПИРИРАН ОРИГАМИ РОБОТ
- МЕХАТРОНИЧКИ СИСТЕМИ интегрирани во облека и накит
- Project Hub 2019/20
- SMART CITY Концепт – Развој на безжични системи за мониторинг на бучава
- R.E.A.M.
- Научно-истражувачки проект поддржан од УСС УКИМ
- ОДРЖЛИВ РАЗВОЈ ВО ОБЛАСТА НА АДИТИВНО ПРОИЗВОДСТВО: КРЕИРАЊЕ НА УРЕД ЗА РЕЦИКЛИРАЊЕ НА PET ВО ФИЛАМЕНТ ЗА 3D ПРИНТАЊЕ СО ПОМОШ НА ПУЛТРУЗИЈА – Матеј Милосиевски и Андреја Поповиќ
-
- Насоката ЕЕ им овозможува на студентите пристап до мерна опрема која се применува во реалните енергетски системи
- Насоката ЕЕ им дава можност на студентите за примена на нумерички софтвери за моделирање на процеси на струење и пренос на топлина во енергетски машини и системи
- Преку насоката ЕЕ студентите можат да спроведат истражување поврзано со примена на CFD на Универзитет во средноисточно-европска земја преку мрежата Building Network and Experience Exchange во склоп на меѓународната академска програма CEEPUS за размена на студенти и професори
- Студентите од насоката ЕЕ активно учествуваат во проекти за дизајн на аеродинамични објекти со помош на експериментални мерења во воздушен тунел и нумерички софтвери за симулирање
- Преку насоката ЕЕ, студентите имаат можност за соработка со индустрија и со реномирани странски универзитети.